
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, предупреди дека ризиците за инфлацијата во Еврозоната се во пораст поради војната на Блискиот Исток, што ја зголемува глобалната неизвесност и дополнително ја комплицира проценката на економските перспективи.
Во изјава по состанокот на Меѓународниот монетарен и финансиски комитет во Вашингтон, таа истакна дека неизвесноста околу инфлацијата во Еврозоната значително се зголемила, особено на краток рок, додека среднорочните ефекти ќе зависат од времетраењето и интензитетот на конфликтот.
Лагард нагласи дека Европската централна банка во моментов нема да донесува итни одлуки за каматните стапки, туку следи како растечките цени на енергијата и глобалните тензии влијаат врз економијата. Инфлацијата во Еврозоната сè уште останува над целното ниво од два проценти, па затоа инвеститорите не исклучуваат зголемување на каматните стапки во 2026 година, пренесува Блумберг.
Директорката на ЕЦБ оцени дека моменталните услови во европската економија се „помеѓу основното и негативното сценарио“, со акцент на ранливоста на енергетските шокови и глобалните нарушувања.
Лагард, исто така, предупреди дека дополнителните трговски тензии, послабата потрошувачка и нарушувањата во синџирите на снабдување би можеле да го забават растот и да ги зголемат инфлаторните притисоци, пишува Танјуг.
Дополнително, таа ја нагласи потребата Европа да ја намали својата зависност од фосилните горива и да ја зајакне својата економска отпорност во услови на сè понестабилна глобална средина.












