За време на официјалната презентација на финансиските детали за првата половина од 2021 година, Stellantis најави и големи планови за Alfa Romeo, Lancia и DS Automobiles.
Групацијата Stellantis, во рамките на својата презентација на финансиските детали за досегашниот дел од 2021 година, најави 21 нови plug-in хибриди и целосно електрични возила кои ќе ги претстави во следните две години кои ќе ги носат беџовите на 9 од 13-те брендови кои постојат во портфолиото на производителот. Меѓу овие планови, откриено е и дека Lancia, DS Automobiles и Alfa Romeo, премиум брендовите на групацијата, ќе станат целосно електрични.
Електрификацијата е клучниот збор за производителот кога станува збор за идните планови, а токму тоа четвртиот најголем производител на светот го искористи за да ги опише своите намери кои ги има за овие три свои брендови.
Премиум брендовите на Stellantis – Lancia, DS Automobiles и Alfa Romeo ќе добијат (во најголем дел) електрична постава во годините кои претстојат. Lancia, која во моментов го има само моделот Ypsilon кој се продава само во Италија, ќе биде 100 проценти електрифициран бренд од 2024 година, што значи дека ќе нуди микс на хибриди и електрични возила за три години од сега. DS Automobiles ќе лансира само електрични возила од 2024, но тоа не значи дека постоечките автомобили кои се напојуваат со мотор на внатрешно согорување ќе исчезнат.
Кога станува збор за Alfa Romeo, Stellantis работи на планот да го направи прославениот италијански бренд 100-проценти електричен во 2027 година во Европа, Северна Америка и Кина. Поставата на Alfa ќе се зголеми во 2022 година со Tonale компактниот кросовер, а подоцна ќе пристигне целосно електричниот кросовер Brennero.
Stellantis има големи планови и за другите брендови
Stellantis веќе најави дека ќе инвестира во сите свои брендови во следните 10 години, а тоа значи дека двете италијански марки ќе добијат и свежи производи.
Кога станува збор за останатите брендови од групацијата Stellantis, треба да се истакнат и плановите на Fiat за враќање во В-сегментот во Европа со директен наследник на Punto, моделот кој беше повлечен од продажба во 2018 година. Наследникот треба да се појави на пазарот во 2023 година на „заедничка платформа“, што значи дека ќе ја користи архитектурата која ќе се споделува во рамките на автомобилскиот конгломерат, со цел да се намалат трошоците и да се забрза развојот.
Документите на Stellantis исто така откриваат дека Maserati ќе ја одржи светската премиера на Grecale луксузниот кросовер во четвртиот квартал од годинава, а електричните возила ќе следуваат во 2022 и 2023.
Преземено од Avtoplus.mk