Алкалоид минатата година ја заврши со добивка од 731,8 милиони денари

20

alkaloid

Фармацевтската компанија Алкалоид, заклучно со 31-ви декември 2016 година, прикажа вкупна сеопфатна добивка од 731.818.000 денари, покажува консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза. Во период од први јануари до 31-ви декември 2015 година, компанијата оствари 666.467.000 денари добивка.

“Остварената консолидирана нето добивка во 2016 година изнесува 731.818.000 денари и во споредба со остварената во 2015 година бележи зголемување за 10%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Вкупните приходи од продажба од јануари до декември лани достигнаа 8.292.770.000 денари, од коишто на домашен пазар се реализирани 3.321.026.000 денари, додека поголемиот дел од 4.971.744.000 денари е остварен на странски пазари.

“Од вкупните консолидирани продажби, 60% се остварени на странски пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: САД со раст од 30%, Русија со раст од 15%, Романија раст од 63%, Словенија раст од 13%, Полска раст од 141%, Велика Британија раст од 125%, Унгарија раст од 135%, Турција раст од 72%, Чешка раст од 122%, Албанија раст од 47% итн.“, стои во Образложението.

Алкалоид во пресметковниот период оствари консолидирани вкупни расходи од 7.752.050.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година, според Образложението, бележат пораст од 4%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот од јануари до декември 2016 година изнесуваат 712.283.000 денари, додека вкупните консолидирани обврски по кредити на 31.12.2016 година се 507.609.000 денари.

Во текот на минатата година во Алкалоид се реализирани 157 нови вработувања во земјата.