Алкалоид проектира нето добивка од 13.000.000 евра за 2017 година

20

alkaloid

Фармацевтската компанија Алкалоид за следната 2017 година проектира нето добивка во висина од 13.000.000 евра, стои во Бизнис планот за 2017 година, објавен на Македонска берза.

Од компанијата планираат да се остварат консолидирани приходи од продажба на ниво од 144.000.000 евра, додека добивката пред оданочување (EBITDA) да се позиционира на 24.000.000 евра.

“Бизнис планот за 2017 година предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на очекуваните за 2016 година, како и раст од најмалку 8% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на очекуваниот за 2016 година“, стои во Бизнис планот.

Според Профитните центри, 83% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 17% ПЦ Хемија, Козметика Билкарство. Се очекува 39% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар, додека 61% од извоз.

Прв приоритет и понатаму останува регионот, втор се земјите од ЕУ,САД, Русија и земјите од ЗНД, додека трет приоритет се останатите пазари.

Бизнис планот на Алкалоид е базиран на: реалните очекувања, проекции и можности за тековните и новите пазари и производи; политиките за управување со ризик и зголемување на ефикасноста на сопствените ресурси.

Овој бизнис план е донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид на седница одржана на 26-ти овој месец.