Алкалоид проектира нето добивка од 15,3 милиони евра за 2019 година

22

Фармацевтската компанија Алкалоид планира 2019 година да ја заокружи со нето добивка од 15,3 милиони евра, покажува Бизнис планот за 2019 година, објавен на Македонска берза.

Бизнис планот за 2019 година, како што се наведува, е базиран на: реалните очекувања, проекции и можности на тековните и новите пазари и производи; Политиките за управување со ризик и Зголемувањето на ефикасноста на сопствените ресурси.

Согласно стратешката определба, Алкалоид и во 2019 година ќе продолжи по курсот на развојот, ќе продолжи да инвестира во производствените капацитети и во современите технологии, во човечките ресурси и во заедницата воопшто.

Бизнис планот за 2019 година предвидува инвестирање на околу 16% од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на очекуваните за 2018 година како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на очекуваниот за 2018 година.

Сегментирано, по Профитни центри, 85% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира Фармација, а 15% Хемија Козметика Билкарство. Се очекува 37% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар додека 63% од извоз.

Прв приоритет и понатаму останува регионот, додека втор приоритет се земјите од ЕУ, САД, Русија и земјите од ЗНД, а трет приоритет се останатите пазари.

Бизнис планот на компанијата за 2019 година е донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018 година.