AllWeb – Единствен настан за вирален маркетинг во Македонија

40

allweb

Третиот AllWeb посветен на дигиталните комуникации и Интернет маркетинг ќе се одржи на 14 ноември во Скопје. Препознаена како единствена од овој вид во Македонија, конференцијата во фокусот оваа година го става виралниот маркетинг. Повеќе од петнаесет говорници  ќе споделат искуства и совети за тоа што се прави, а што не, во дигиталниот свет и како да се исплива на површина.

„Фокус тема е вирален маркетинг, но секако нема да ги изоставиме и социјалните медиуми, стратегијата и менаџментот во дигиталната ера. Секоја година се обидуваме да опфатиме повеќе теми од неколку аспекти, затоа и програмата е многу динамична и со голем број луѓе на сцена. Нашата цел е програмата која ја нудиме да биде во исто време и привлечна и корисна за локалната публика“, вели Дарко Булдиоски, од New Media MK, организатори на конференцијата.

Главен говорник ќе биде Благица Ботиљеро, добитник на Еми награда за дигитален маркетинг, и поранешен директор во Еделман, Моторола и Таргет Маркет. Покрај неа, на сцена ќе се појават и Бранимир Бркљац од Terra Panonica, Срѓан Ерцег од Huge Media и други регионални експерти кои ќе зборуваат за интернет трендовите. Присутните ќе имаат можност да ги слушнат дигиталните стратегии и кампањи на компании како IKEA, Coca-Cola, Motorola, Target, Raiffeisen Bank, T Home, Kras, TopShop, Don Café и многу други.

„Кога започнавме со реализација на конференцијата сакавме на едно место да ги собереме практичари и теоретичари за маркетинг и односи со јавноста, блогери, огласувачи, маркетинг консултанти и Интернет гуруа и да им понудиме идеи. Оваа година дополнително им нудиме и време за поврзување и размена на контакти, проследено со дегустација на вино, а ќе поделиме и книга за дигитален маркетинг како бонус за присуството“, додава Булдиоски.

Повеќе информации за говорниците, програмата и за самата конференција можат да се најдат на www.allweb.mk. Регистрацијата е отворена, а влезниците се пуштени во предпродажба.