AllWeb ги проширува темите, публиката и пазарите

18

allweb

Нови теми и проширен профил на публика се најавени за годинешната конференција за дигитален маркетинг, AllWeb. На 18 ноември во Скопје, по петти пат ќе се разговара за иднината и предизвиците во дигиталниот маркетинг. Конференцијата ќе понуди широк дијапазон на теми, од дигитална трансформација, оптимизација на огласување, креирање содржина, анализа на публика, па до медиумски навики, кризно комуницирање и развој на пазар. Организаторите најавуваат и нови, квалитетни говорници.

Како што вели Дарко Булдиоски, програмски директор на конференцијата: “Под влијание на минатогодишните импресии на публиката, годинава задачата беше потешка. Сепак, успеавме да обезбедиме искусни стратези кои зад себе имаат сработено навистина многу. Почнувајќи од Ерик Меијер кој доаѓа од Дојче Телеком, преку Скот Морисон, Марк Деузе… завршувајќи со Иван Брезак Бркан од Нетокрација.  Конечно во програмата имаме и говорник од SocialBakers, го имаме и веб аналитичарот на Агрокор, како и стратегот на една од 5-те најголеми глобални маркетинг агенции, односно групации – Dentsu Aegis“.

Во публиката се очекуваат пред сè луѓе од сферата на маркетингот, но не само тие. Темите се избрани така да привлечат внимание и кај извршните директори и менаџери, но и кај сите на кои бизнисот им зависи од начинот на комуникација со пошироката јавност.

Инаку, оваа година AllWeb за прв пат излезе од границите на Р. Македонија, претендирајќи да стане регионален, па и глобален настан. На 20 октомври се случи првата конференција од ваков тип во Албанија со над 200 посетители.

“Освојувањето на нови пазари и запознавањето на нова публика за нас претставува голем предизвик. Тирана се покажа како одличен домаќин, а публиката повеќе од подготвена за еден ваков настан“, додава Булдиоски.

Повеќе информации за содржината на конференцијата и за говорниците се достапни на allweb.mk.