AllWeb: Панел дискусија на првите луѓе на водечките маркетинг агенции во Македонија

27

strategy

Интернетот неспорно го промени начинот на кој комуницираме и бројот на луѓе со кои секојдневно комуницираме. Зголеменото користење на мобилни телефони, таблети и лаптопи предизвикува потреба од промена на начинот на кој брендовите комуницираат и се поврзуваат со своите постоечки и потенцијални клиенти, односно на начинот на кој тие го водат својот маркетинг.

Во создавањето на новата култура на комуникација на релација компанија – клиент, значајна улога играат и маркетинг агенциите. Денес не може да се осигураат задоволителни резултати од маркетинг активностите доколку не се вклучени дигиталните медиуми.

Но, дали и колку т.н. традиционални маркетинг агенции од Македонија имаат/развиваат капацитет и ресурси да одговорат на новите предизвици? На ова прашање во рамките на единствениот панел на годинешната AllWeb конференцијата за дигитален маркетинг, ќе дискутираат првите луѓе на Њу Момент – Сашо Пешев, на Публицис – Александра Дилевска и на McCann – Владимир Димовски.

“Пазарот е константно подложен на промени, тие не ги заобиколуваат ни креативните индустрии кои се под особено големо влијание денес кога буквално сите сме ’зависници’ од уреди поврзани на интернет. Самата промена на однесувањето на корисниците бара и промена на пристапот во креирањето на маркетинг стратегиите, кампањите и комуникациите“, вели Дарко Булдиоски, еден од организаторите на AllWeb.

“За да отвориме дебата на ова тема решивме единствениот панел оваа година да им го посветиме на трансформацијата на ’традиционалните’ маркетинг агенции. Сакаме да продискутираме колку дигиталниот пазар влијае на промена на начинот на конципирање на кампањите“, додава тој.

Конференцијата за дигитален маркетинг, AllWeb, ќе се одржи на 13 ноември во Скопје. Покрај панел дискусијата, петнаесетина говорници ќе застанат на сцена да ги пренесат своите искуства и совети за тоа како комуникацијата на интернет да ја претворите во поддршка на бизнисот.

Повеќе информации за AllWeb може да се најдат на www.allweb.mk. Влезниците за конференцијата веќе се пуштени во продажба.