Алтернативните горива едно од решенијата за сложената енергетска криза во земјава

91

Високата цена на струјата продолжува да врши притисок врз граѓаните, а особено врз компаниите во земјава, кои плаќаат пазарна цена, која сега изнесува и до пет пати повеќе во споредба со минатата година. Веќе има најави за затворање или за редуцирање на деловните активности на дел од деловните субјекти за да се намалат загубите. Бизнис заедницата веќе неколку пати бара помош од Владата за поевтина струја од домашното производство, но состојбите се деликатни. Имено, Македонија има сѐ помалку домашно производство на струја, а се намалува и јагленот, како единствен енергенс за производство на струја во најголемиот енергетски капацитет РЕК Битола.

За да се обезбеди поголема енергетската стабилност, што е клучно за бизнисот и за граѓаните, неопходни се инвестиции во нови извори на енергија. Преку енергетската транзиција и инвестирањето во нова зелена енергија ќе се обезбедат нови капацитети на енергија. Покрај тоа, енергетичарите апелираат дека за одржливост неопходен е и соодветен енергетски микс, односно инвестиции и во конвенционални извори на енергија, со што ќе се обезбеди и базна енергија во доволни количини. Во развиените земји и во Европската Унија во одредени индустрија, како термоцентралите и цементната индустрија веќе со децении се користи и енергенсот РДФ. Се работи за алтернативно гориво, произведено од отпад, а финалниот производ се добива преку соодветна индустриска обработка. Произведено на ваков начин, ова алтернативно гориво ги исполнува сите стандарди за безбедно користење и е во склад со животната средина.

Досегашната пракса и континуираните истражувања во земјите од Унијата, укажуваат дека користењето на РДФ во соодветни услови не ги оштетува постројките и не влијае негативно на животната средина. Кај нас можна е употреба на РДФ и во РЕК Битола, со што директно ќе се намали цената на струјата. Калкулациите покажуваат дека според сегашната цена на јагленот 100.000 тони јаглен се потребни 35 милиони евра. Доколку со користење гориво од индустриски РДФ се заменува од 30 до 40 отсто од количествата потребни за производство на електрична енергија, тоа би значело заштеда од околу 35 отсто. Поточно, се заштедуваат 35.000 тони јаглен, односно нешто над 12 милиони евра. Препорачаниот удел на РДФ во просек изнесува од 30 до максимум 40 отсто. На пример, термоцентралите во Словачка или цементарниците во Хрватска користат индустриски РДФ до 40 отсто, а во Австрија и до 90 отсто индустриски РДФ во производството на енергија во термоцентралите.

Потенцијалот на РДФ е значаен и експертите веќе укажуваат на тоа дека сериозно треба да се размисли за употреба на ова гориво како енергенс. Особено сега, во услови на енергетска криза и висока цена на енергенсите. За тоа се потребни и законски измени и укинување на забраната за увоз на РДФ.