Amazon привремено затвора складиште поради ширење на корона меѓу работниците

109

Amazon објави дека ќе го затвори магацинот во Њу Џерси на една недела поради зголемувањето на бројот на вработените кои се заразени со вирусот Ковид-19.

“Преку интерна програма за тестирање на Ковид-19 откривме зголемување на бројот на асимптоматските случаи на инфекцијата во нашиот објект во северниот дел на Њу Џерси. Сакавме да бидеме крајно претпазливи, па затоа го затворивме објектот до 26 декември“, соопштија од компанијата.

Не е наведено колкав е бројот на вработени кои се позитивни на вирусот, но само беше споменато дека работниците ќе добијат надомест за периодот во кој ќе мора да останат дома поради затворањето.

Во октомври, најголемата светска онлајн платформа за малопродажба објави дека повеќе од 19.000 нивни работници во САД се заразени со коронавирус или 1,44 % од вработените.

Работници, политичари и синдикати, во последните месеци, постојано ја обвинуваат компанијата дека го загрозува здравјето на своите вработени, оддржувајќи ги магацините отворени за време на пандемијата.

Како одговор на тоа компанијата тогаш најави дека ќе го прошири тестирањето како дел од внатрешната програма со можност дневно да се тестираат до 50.000 работници.

Од Amazon соопштија дека затворањето на магацинот во Њу Џерси нема да влијае на нивниот бизнис или испораките.

Фото: Facebook