Амбасадорите на ТИРЗ Проектот „Иднината почнува дома“ со порака: промената е можна и почнува од секој нас поединечно

12

ТИРЗ и Амбасадорите на Проектот „Иднината почнува дома” започнаа со серија на панел сесии насочени кон креирање на конкретни предлози, иницијативи и мерки за поттикнување и спроведување на позитивни промени во општеството, со фокус на младите.

На првиот настан под наслов „Како До Иднина Дома” главни теми беа образованието и културата, со посебен осврт на улогата на младите во донесување на одлуките.  Панелистите, Марија Петрова, асистент на Архитектонски факултет, Николија Златевска, средношколка, Стефан Поп-Ацев, претприемач, Мартина Баракоска, музичар, Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти и професори и Дарко Арсовски активист и член на иницијативата “На точак” – сите  дел од првата генерација Амбасадори во рамки на проектот Иднината почнува дома, ги споделија своите искуства и препораки како инспирација за следната генерација млади лидери.

Учесниците заеднички заклучија дека добриот стандард и квалитетот на животот генерално, воздух, образование, здравство, култура, спорт, уметност е она што му недостасува на секој млад човек во земјава. Тоа се и основите и целите кон кои се стреми и проектот „Иднината почнува дома”, а претставува нешто што секој млад човек може да го добие веднаш во некоја од европските метрополи, со само еден лет на нискобуџетните авионски компании.

Според учесниците во панелот посветен на образование клучно е на учениците и студентите да имаат повеќе пракса и можности за учество во проекти, како и поголема синергија меѓу бизнисот и образованието.

Николија Златевска, средношколка во „Васил Антевски Дрен”, практикант во ТИРЗ и еден од Амбасадорите на Проектот на заедницата општо, не само на младите, им е потребно нешто ново, креативно и привлечно и тоа е основната задача на која ќе се работи во рамки на Проектот „Иднината почнува дома”. „Сите ученици што одат на размена или проекти преку програмата Еразмус на ЕУ, на програми за младинска размена како американската програма ЈЕС, ги мотивираат другите млади потоа да го направат следниот чекор, како што е самите да креираат свои проекти со кои ќе и помогнат на заедницата и ќе се градат самите себеси”, порача Златевска.

Марија Петрова, асистент на Архитектонскиот факултет при УКИМ и еден од Амбасадорите на Проектот истакна дека образовниот процес на младите идните професионалци е посебен предизвик, бидејќи, како што и статистиките покажаа, младите професионалци се тие кои недостасуваат во нашите позитивни натамошни сценарија. „Би сакала да ја потенцирам важноста на образованието и на нашата вклученост во него за што, претпоставувам, со нашите дискусии ќе наидеме на неколку размислувања, визии и стратегии кои ќе немаат за цел да го решат овој проблем во целост, туку доколку се имплементира еден дел од нив, можеби ќе се отвори простор за натамошен иден и успешен развој на нашето општество. За интелектуалните капацитети на младите нашето општество не нуди доволно простор за напредок и предизвици, па така со својата интелектуална надмоќ на некој начин, тие се губат во она што претставува секојдневие од активности и своето место за развој го бараат во надворешни компании, меѓутоа и иселувајќи се од нашата земја. Образованието никогаш не е бесплатно, ние го плаќаме со нашата работа”, истакна Петрова.

Според Стефан Поп Ацев, кој е претприемач и сопственик на компанијата Бисмак смета дека образованието дава основа, но не гарантира и работа. Според него праксата е многу важна, а на младите и вработените треба да им се дадат добри услови за работа за да останат дома. „Една од причините зошто младите остануваат во државата е дигитализација, која што им овозможува работа од странство од дома. Не секоја работа може да се работи од дома, но и оние кој што се работат од работно место битно е дека со човечност да можат да се разберат вработените и да се има флексибилно работно време, кога работата е завршена од порано тогаш вработениот да може да си замини, но доколку не е да сака да остани за да ја комплетира,” смета Поп Ацев. Тој предлага и реформа на мастер студиите каде наместо студентите да седат на предавања, ќе можат да се стекнат со работно искуство и пракса на некој проект со менторство од професорите.

Главната порака е дека овие млади Амбасадори веруваат дека промената доаѓа од секој нас поединечно, а сите заедно може да поттикнат поголеми промени во општеството.
„Без разлика дали сте музичар во Париз, Лондон или на Балканот, насекаде се соочуваме со истите проблеми и предизвици. Она што ве прави различен е како се справувате со нив. Ние луѓето сме повеќе слични отколку различни. Да, има големи разлики во однос на условите во кои нашите колеги и студенти се бават со дејноста во друг амбиент, но тоа не значи секогаш дека е подобро. Тоа што овде сме немале совршени услови не натерало да бидеме покреативни и да растеме. Така сфатив дека не е важно каде ќе бидете, туку какви ќе бидете,” порача Дино Имери.

И Мартина Баракоска смета дека излегувањето од стереотипите и справување со предизвиците е клучно за напредок. „Доколку сакате нешто да смените мора да започнете од себеси. Исто така мора културата да се изгради во општеството и така ќе се изградат и вредностите во тоа општество,” рече Мартина која излегла надвор од стереотипите дека девојче не може да биде тапанар, и сега учи нови генерации музичари, од кои повеќето се девојчиња.

За Дарко Арсовски, од иницијативата „На точак” многу е важно да се покренуваат акциии па макар и на почеток да имате негативни коментари. „Иницијативата На точак започна преку Твитер и се разви во движење на активисти. Така успеавме да се избориме за патеки за точаци на улици, да се отстранат автомобили кои се паркираа на тие патеки и ред број други успеси. Кога јавноста е вмешана, власта прави она што јавноста го бара, само како што знае и умее,” порача Арсовски.  

На настанот беше презентирана и дел од Студијата на демографски движења во која бројките се поразителни и загрижувачки. Населението бележи опаѓање, а со тоа се менува и возрасната структура – способното население од 15 до 64 години се намалува, а населението постаро од 65 години се зголемува. Според презентираните сценарија, државата до 2070 година би останала со околу 1.400.000 жители, додека над 90 проценти од младите кои веќе заминале во странство, не сакаат да се вратат.

“Не треба само да се зборува во камера и да се констатира дека „имаме проблем”, туку мора сериозно да се работи. Не случајно избравме две интересни теми – образование и култура, кои навидум немаат врска со економијата, теми кои играат голема улога врз луѓето кога размислуваат дали да останат тука или да заминат. Даваме можност шест млади луѓе од 32-цата Амбасадори на проектот „Иднината почнува дома” да креираат документ со свои конкретни предлози, а документот потоа ќе биде проследен до јавноста и до сите чинители. Практично, овозможуваме токму младите луѓе директно да градат политики и планови како сите тие работи да се спроведат во пракса и како сето ова што го имаме тука, како општество и заедница, да стане многу попривлечно за сите нас” рече на почетокот Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Серијата на панел сесии продолжува во следниот период, со различни теми од секојдневното живеење, особено со фокус на младите.