Америка по грешка испрати парична помош на Австријци

49

Помошта од 1.200 долари, што американската влада ја намени за граѓаните со пониски приходи за време на коронакризата, по грешка стигна до адресите на околу 130 Австријци.

Според државната телевизија ОRF, најмалку 108 чекови на американското Министерство за финансии со потпис на претседателот Доналд Трамп се веќе искеширани во австриските банки.

Манфред Барнрајтер, 73-годишен пензионер од Австрија, е еден од оние кои добиле парична помош од Америка. Барнрајтер рече дека и неговата сопруга добила чек, иако тие немаат престој во Америка, ниту државјанство на таа земја.

Тој изјави дека во моментов нема никаква врска со САД, но забележува дека работел таму неколку години и тоа може да биде причина што добил американска помош. Сепак, неговата сопруга никогаш не стапнала во Америка.

Австријците не се единствените кои по грешка добиле чекови од Америка. Минатиот месец, неколку илјади луѓе што престојуваа во САД врз основа на привремена работна виза, исто така, добија чекови. Многумина ги искешираа во своите земји, вклучувајќи ги Бразил, Индија, Кина, Канада, Нигерија и Јужна Кореја.

Фото: Pixabay