Американската компанија од автомобилската индустрија Капкон аутомотив технолоџис ќе инвестира 18 милиони долари и ќе отвори 400 нови работни места во индустриската зона во Скопје. Во фабриката ќе се произведуваат инфлатори за воздушни перничиња наменети за извоз на европскиот пазар. Производството се планира да почне во вториот квартал следната година, јавува Миа.
Алиел Хач, главен извршен директор во Капкон, најави дека ќе инвестираат во изградба на најсовремен капацитет со високософистицирани производствени линии со цел да обезбедат производство и испорака на висококвалитетни производи за своите клиенти во Европа.
“Капкон го избра Скопје за свој дом за деловните активности и производството наменето за пазарите во Европа. Овој производствен капацитет откако ќе стане целосно оперативен ќе вработи околу 400 лица. Исто така, имаме намера да ги прошириме нашите активности тука и да отвориме технички центар кој ќе има и инженерска поддршка во овој капацитет“, рече Хач.