Американските берзи во пад поради земјотресот во Нвидија и неизвесноста околу Блискиот Исток

Акциите на Волстрит  претежно беа во пад по отворањето на берзите во Соединетите Американски Држави, по објавувањето на заминувањето на извршниот директор на Nvidia Јенсен Хуанг и слабеењето на очекувањата на инвеститорите дека наскоро би можел да се постигне договор меѓу САД и Иран за прекин на конфликтот на Блискиот Исток.

Индексот S&P 500 ослабе за 0,8 проценти, технолошкиот композит Nasdaq за 1,5 проценти, додека индустрискиот Dow Jones забележа мал плус од 0,2 проценти, објавува CNBC.

Најголемиот притисок врз пазарот дојде од технолошкиот сектор, а особено од компанијата Nvidia, чии акции изгубија повеќе од 11 проценти по објавувањето дека Јенсен Хуанг ја напушта функцијата извршен директор.

На негово место привремено беше назначена финансиската директорка Колет Крес.

Веста доаѓа по медиумските извештаи за наводната афера на Хуанг со лице за кое се тврди дека е кинески шпион, што дополнително ја зголемува неизвесноста за иднината на компанијата.

Инвеститорите се загрижени и за тоа како компанијата ќе продолжи со развојот на бизнисот и иновациите без човекот кој со децении ја градеше својата позиција како еден од клучните производители на чипови за вештачка интелигенција.

Дел од инвеститорите ги пренасочија своите пари кон други производители на чипови, па акциите на AMD пораснаа за околу еден процент, а на Broadcom за четири проценти.

Падот се прошири и на други компании поврзани со вештачка интелигенција.

Oracle изгуби три проценти од својата вредност, Micron четири проценти, додека акциите на компанијата Nebius потонаа за околу 20 проценти во тргувањето пред отворањето на берзата поради разочарувачките прогнози за следниот период.

Дополнителна неизвесност предизвикаа изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Иран. Тој рече дека на Соединетите Американски Држави повеќе не им е потребен договор со Техеран, што ги намали очекувањата за брзо смирување на тензиите на Блискиот Исток.