Аналитичари очекуваат пад на економската активност во земјава годинава

46

Наместо раст, аналитичарите очекуваат намалување на економската активност на домашната економија во 2020 година, а потоа постепено закрепнување во следните две години, покажува Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движење на реалниот брутпо домашен производ спроведена во јуни на Народна банка.

“Анкетираните аналитичари очекуваат реален пад на БДП од 3,2% во 2020 година (надолна ревизија за 4,4 процентни поени), раст од 2,6% во 2021 година (мала нагорна ревизија за 0,2 п.п.), како и забрзување на стапката на раст, односно искачување до 3,1% во 2022 година (мала нагорна ревизија за 0,2 п.п.). Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања со: неизвесноста од глобалната криза од вирусот ковид-19, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и неизвесноста поврзана со парламентарните избори оваа година, којашто би се одразила преку воздржаност на домашните инвеститори и пониска кредитна активност.

Во однос на инфлацијата, просечните очекувања за 2020, 2021 и 2022 година се значително пониски во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка од 0,4% во 2020 година, 1,3% во 2021 година, додека инфлација од 1,6% се очекува во 2022 година.

Испитаниците ги наведуваат неизвесноста и надолните ризици од пролонгирањето на кризата предизвикана од корона-вирусот, намалената активност на домашната и глобалната економија, ниската домашна побарувачка, како и пониските увозни цени на енергенсите и храната, како фактори коишто би придонесле за намалување на стапката на инфлација. Во следните две години, испитаниците очекуваат дека постепеното надминување на кризата и закрепнувањето на економијата ќе придонесат соодветно и за забрзување на инфлацијата.

Фото: Freepik