Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот бруто домашен производ за периодот 2019 ‒ 2021 година, спроведена во декември, не упатува на позначајни промени во очекувањата за просечната стапка на инфлација и очекуваниот раст на БДП, соопштуваат од Народна банка.
Како и во претходната анкета, како што се наведува, економските аналитичари очекуваат постепено забрзување на инфлацијата и на економскиот раст во следниот период. Во однос на инфлацијата, очекувањата за 2019 година упатуваат на просечна стапка од 1,2%, што е помалку за 0,2 процентни поени во споредба со претходната анкета, за 2020 година очекуваната стапка од 1,7% е за 0,1 п.п. пониска, додека за 2021 година очекувањата и натаму посочуваат на просечна инфлација од 1,9%.
Испитаниците го објаснуваат умереното забрзување на инфлацијата во 2020 – 2021 година со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, раст на цените на храната, повисоката домашна побарувачка, либерализацијата на домашниот пазар на електрична енергија, како и општиот раст на цените на примарните производи на светските берзи.
Во поглед на економската активност, во споредба со претходната анкета, анкетираните аналитичари очекуваат минимално повисок реален раст на БДП од 3,2% за 2019 година, минимално понизок реален раст за 2020 година од 3,2%, додека за 2021 година очекувањата за раст од 3,5% се непроменети.
Испитаниците ги поврзуваат ваквите очекувања со: остварениот раст во првите три квартали од годината, позитивните сигнали од олабавувањето на монетарната политика и владините мерки за поддршка на претпријатијата, остварувањето на капиталните инвестиции на државата, довербата и очекувањата на економските субјекти, очекуваната интеграција во НАТО и ЕУ, како и зголемувањето на инвестициската и извозната активност. Од друга страна, испитаниците очекуваат дека неизвесноста поврзана со вонредните парламентарни избори во 2020 година ќе се одрази преку воздржаност на домашните инвеститори и пониско остварување на јавната потрошувачка.
Споредбата на очекувањата за стапката на раст на БДП за 2019 година со распределбата на веројатностите упатува на поизразени поместувања на веројатностите во нагорна насока и нивна концентрација во интервалите од 3% до 3,9%, односно малку над очекуваната стапка на раст од 3,2%. За 2020 година, слично со очекувањата, и кај веројатностите се забележуваат мали поместувања во надолна насока, додека за 2021 година, поместувањата на веројатностите се кон интервалите со повисоки вредности и нивна концентрација во интервалот на очекуваната стапка на раст.
Фото: Pexels