Анализа: Бум на спојувања и аквизиции во светот

52

analiza

Напливот на евтини пари во глобалниот финансиски систем поттикна најголем залет на мега спојувања и преземања на компании од светската финансиска криза 2008 година, при што нивната вредност до крајот на септември беше скоро 90% поголема отколку во истиот период лани.

Од јануари до крајот на септември оваа година, во светот веќе се договорени 45 спојувања и аквизиции, секоја во вредност над 10 милијарди долари, покажуваат податоците на Dealogic. Вкупната вредност на спојувањата достигна 1.200 милијарди долари и е поголема за 89% во однос на истиот период минатата година, пренесува France24.

Но, аналитичарите предупредуваат дека набрзина склучените корпоративни бракови кои се чини дека се блажени во добри финансиски времиња, можат да завршат со солзи и долгови.

Новиот бран големи спојувања започна во САД, за во 2014 да премине во Европа, констатира Танги Ле Либокс од консултантската куќа Aurel BGC.

“На располагање е огромна количина готовина, каматите се исклучително ниски, а кредитите можат да се добијат по добри услови”, вели Ле Либокс и додава дека неорганскиот раст може да биде лесна опција, но за големите структури може да биде многу рискантен, затоа што е тешко да се спојуваат различни култури, притоа алудирајќи на спојувањето на Nokia и Alcatel-Lucent.

Ваквата оценка ја потврдува и спојувањето на AOL и Time Warner во 2000-тата, кое беше договорено, па откажано и важи за можеби најлошото спојување во корпоративната историја, делумно и поради судирот на културите на двете компании кој не можеше успешно да се реши.

3

Евтините пари им се привлечни на директорите кои сакаат да “купат” раст наместо да го генерираат од бизнисите.

“Поради ниската инфлација, на компаниите им е тешко да растат органски”, вели Филип Витчело, потпретседател за стратегии и маркетинг во Intralinks, компанија специјализирана за бизнис мрежи и која ги следи активностите на спојувања и аквизиции. Според него, за да остварат раст, големите компании се потпираат на аквизиции и географско ширење.

Во светот на пивото, Anheuser-Busch InBev се подготвува да го преземе ривалот SABMiller, зделка со вредност преку 120 милијарди долари кога ќе се вклучи и долгот. Понудата на InBev, меѓу другото, е мотивирана поради пристапот на пазари со највисока стапка на раст во светот, како на пример пазарот во Африка, каде што SABMiller е присутен уште од златната треска во Јоханесбург во втората половина од 19 век.

И покрај ризиците, изгледа бранот на спојувања ќе потрае.

“Се чини дека во 2016 година ќе се обликува умерен, но добар почеток за глобални спојувања и аквизиции, по, како што се предвидува, рекордната 2015 година”, стои во извештајот на Intralinks. Проценката на оваа компанија е дека оваа година бројот на вакви договори ќе порасне за 8% во однос на минатата година и ќе го надмине нивото пред глобалната финансиска криза.