Ангеловска – Бектеши: Промената на уредбата за финансиска поддршка од 14.500 по вработен ќе вратат отпуштени на работа и ќе зачуваат работни места

50

Промените на уредбата за финансиска поддршка по 14.500 денари по вработен ќе придонесе работници кои биле претходно отпуштени да се вратат на работа. Со неа се излегува во пресрет и на барањата на најпогодените дејности, односно туризам, угостителство и транспорт. Ова беше зборувано на денешната средба помеѓу претставници на угостителско-туристичката дејност, министрите за финансии и економија, Нина Ангеловска и Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

Министерката за финансии посочи дека на состанокот со угостителите им биле презентирани новините во уредбата за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со кои им се овозможува средствата кои ќе им бидат дадени преку мерката да се трансформираат во грант , потоа да ја комбинираат оваа мерка со мерката „50% субвенции на придонеси”, како и дека мораат  бројот на вработени кога ќе аплицираат за мерката да го задржат во однос на март минус 5%,10% или 15% согласно големината на компанијата.

Во однос на условот за задржување на бројот на вработените на денот кога ќе аплицираат во споредба со март, министерката посочи дека има интерес од страна на фирмите кои веќе отпуштиле вработени да ги вратат на работа и веќе се разгледуваат можности како да им се излезе во пресрет. Исто така, таа посочи дека мораат да го задржат вкупниот број на вработени – односно и на неопределено и на определено време и сезонски работници.

“Ќе најдеме солуција и ќе ги видиме бројките за  да видиме колку од овие работодавачи ќе ги вратат назад  работниците на своите работни места. Доколку тие не ги вратат, доколку тие имаат намален број на вработени  во месец март, тие не можат да аплицираат за мерката. Затоа бараме начин  да ги вратат работниците . И секоја промена јас сметам дека е во интерес за работниците затоа што се грижиме да ги заштитиме нивните  права. Ќе се погрижиме за секој работник  којшто го изгубил работното место. Секоја влада сака да помогне да останат работниците, да се задржат работните места. Ќе им  овозможиме да ги имаат сите средства за живот. Нашиот интерес единствено е дека треба суштински да се пристапи  и дека ова системска промена во интерес  на работниците и на заштита на работните места“, рече Ангеловска и дополни дека условот за задржување на работните места се однесува и на оние кои се на определено и на неопределено време, затоа и во однос на другите земји со слични мерки се построги.

Министерот за економија, Крешник Бектеши потенцираше дека и понатаму ќе продолжи интензивната комуникација со туристичко-угостителскиот сектор кој е еден од најпогодените во оваа криза, пред се поради девизниот ефект кој го има овој сектор во Буџетот.

Тој истакна дека поради фактот што изминатите години овој сектор покажуваше одлични резултати, сега е неопходно заеднички да се работи во креирање и дополнување на сите мерки кои сега ги носи Владата, но и кои ќе ги носи во периодот на опоравување.

“Со претставниците од туристичко-угостителскиот сектор разговаравме за последните измени на мерките за поддршка на економијата со што како Влада покажуваме дека го слушаме гласот на бизнисот и дека сме флексибилни. Согласно сите економски логики во кризни состојби државата треба и навремено да постапува и да биде флексибилна за состојбите. Со измените на мерките ние тоа го покажуваме,. Во оваа насока ќе продолжиме и при носење на следните мерки, а наша главна цел е да им се овозможи на компаниите и после кризата да можат средствата да ги инвестираат во подобрување на капацитетите,  како и промоција на државата која е многу важна во периодот кој следува, посебно за секторот туризам“, истакна Бектеши.

Крсте Блажевски од здружението на хотелиери „Хотам” издрази надеж дека набргу ќе почнат да се отвораат сместувачките капацитети и хотели, како и рестораните.

“Ќе се навикнеме на еден нов живот, на едни нови мерки и во очекување сме дека истите, што побргу ќе се донесат. Се усогласивме, во тек се сега поднесувањата за мерките за помош. Во однос на гласините дека има отпуштања во секторот туризам, морам да нагласам дека сталните вработени, кои се неколку години со искуство не се отпуштаат, може се работи за некои сезонски. Нормално е ако некој е вработен неколку месеци и нема никаков приход да замине. Тоа е мал број, се зборува дали е и 5% во хотелско-угостителските објекти“, рече Блажевски.

Мартин Ангеловски, претставник на угостителскиот сектор рече дека угостителите ќе инсистираат да бидат вклучени во процесот на изработување на правилата по кои ќе треба да се однесуваат угостителите кога ќе се отворат рестораните. Тој посочи дека се гледа придвижување кон мерките кои ги барале од Владата.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најави дека ќе се започне кампања за промоција на туризмот во земјава преку кампањата „Дома си е дома”, која ќе се одвива во текот на целата година, со сите комори, туристички агенции, туроператори во државава

“Таа ќе биде за промовирање на домашниот туризам и сите атракции кои ги имаме дома со тоа што 2019 година 51% број од вкупниот број на ноќевања го оствариле домашните туристи и отприлика 1,6 милиони и со тоа ќе дадеме акцент истата бројка да ја достигнеме и во 2020 година и ако може да ја надминеме“, рече Јаневски.