Ангеловска-Бежоска – Павлова: Структурните реформи мораат да продолжат и покрај предизвиците

59

Справувањето со тековните предизвици не треба да ги стави на чекање структурните реформи. Напротив, напоредно треба да се продолжи со нив, бидејќи тие се оние кои ќе дадат долгорочни резултати. Ова беше пораката на заедничката прес-конференција на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и потпретседателката на Европската инвестициска банка, Љиљана Павлова одржана по повод почетокот на 8. Истражувачка меѓународна конференција на Народната банка, насловена „Јакнење во време на криза: улогата на политиките”.

Гувернерката на Народната банка истакна дека по цела декада ниска инфлација, сега скоро сите економии забележуваат повисоки стапки. Околу половина од економиите во развој забележаа инфлација повисока од 7%, или највисоко ниво во изминатите две децении, додека, последните податоци покажуваат дека ценовните притисоци можат да траат подолго од очекуваното. Меѓународните финансиски институции ги зголемуваат проекциите за инфлацијата, додека ги намалуваат очекувањата за годинешниот раст. Сепак и со најновите проекции се очекува позитивен економски резултат, како во глобални рамки така и во домашната економија.

“Сега, централните банки мора да се фокусираат на нивниот основен мандат за одржување на стабилноста на цените, што бара постепено нормализирање на монетарната политика, додека краткорочните ефекти од кризата треба да се решаваат со користење алатки на фискалната политика, кои треба да бидат добро насочени и временски ограничени. Има многу фактори кои можат да придонесат кон подобрување на вкупниот економски резултат – конкурентноста на економијата, квалитетот на човечкиот капитал, квалитетот на институциите, иновациите и технолошката подготвеност. Потребни се структурни реформи и ќе потенцирам – справувањето со тековните предизвици не треба да ги стави на чекање структурните реформи, напротив напоредно треба да се продолжи со нив, бидејќи тие се оние кои ќе дадат долгорочни резултати”, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакна дека централните банки можат да обезбедат поддршка во некои од овие сегменти, како регулаторни олеснувања за поголема дигитализација кај финансиските услуги и финансиски иновации, во насока на зголемување на продуктивноста, како и за предизвиците од климатските промени, коишто влијаат врз капацитетот за раст, движење на цените и финансиска стабилност. Истите, како што посочи, се наоѓаат високо на агендата и на нашата централна банка, односно се поставени како стратегиски цели и веќе се реализираат повеќе активности во таа насока.

Потпретседателката на ЕИБ, Павлова, посочи дека како организација се подготвени да ги поддржат земјите од Западен Балкан во надминувањето на предизвиците кои ги наметнува тековната ситуација. 

„Исто како што пандемијата создаде итност за дигитализација, сегашната криза ја охрабрува зелената транзиција кон енергетска ефикасност, обновливи извори, зелено управување и иновации погодни за климата. Како банка на Европската унија, која поддржува проекти од аспект справување со климатските промени, ЕИБ планира да даде поддршка и за земјите од Западниот Балкан. Покрај финансирањето на изградбата на посигурни и разновидни енергетски мрежи, му помагаме на регионот и да ја зголеми отпорноста кон климатските промени, како и да развие нови одржливи проекти во рамките на „Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан”. Минатата година, ЕИБ стави на располагање 257 милиони евра за поддршка на декарбонизацијата и транзицијата кон зелена економија во регионот”, посочи Павлова.

Павлова посочи и дека одржливото земјоделство, особено производството на храна, исто така треба да биде високо на агендата, и истакна дека ЕИБ има значително искуство во оваа област.

„Ова е особено важно имајќи ги предвид влијанијата на војната во Украина кои најверојатно ќе влијаат на глобалниот земјоделски пазар. Затоа, ние сме подготвени да поддржиме проекти кои ќе им помогнат на земјите кои се позависни од увоз на храна да го зголемат своето домашно производство и да ја подобрат вкупната понуда”, рече Павлова.

На меѓународната конференција, која се организира во исто време кога Народната банка прославува 30 години монетарна самостојност, учествуваат над 40 учесници – гувернери и членови на бордови на централни банки, високи претставници од меѓународни финансиски институции и претставници на академската заедница од кај нас и од странство. Се дебатира за клучните предизвици за економиите во регионот, поврзани со  пост-пандемиската нова нормала – со осврт на приспособувањата на политиките по пандемијата, како и влијанијата од зголемената несигурност што произлегува од ескалацијата на геополитичките ризици во Источна Европа, но и за позначајните „структурни предизвици” како климатската транзиција, економската отпорност и финансиската вклученост.