Ангеловска-Бежоска − Васле: Mакропрудентните мерки ја зајакнаа финансиската стабилност

Централните банки преку преземените макропрудентни мерки, како што е на пример противцикличниот заштитен слој на капиталот, му помогнаа на банкарскиот систем да се справи со економските предизвици и имаа клучна улога во зачувувањето на финансиската стабилност во сложеното глобално окружување, полно со неизвесности.

Ова се дел од пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, на средбата во Народната банка.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата.

„Главниот параметар преку којшто се утврдува стабилноста на системот е адекватноста на капиталот, којашто во моментов изнесува околу 19% и е највисока во последните 16 години, но и стабилната и солидна ликвидност и добриот квалитет на кредитното портфолио. Ова покажува дека банкарскиот систем има капацитет да обезбеди поддршка за економскиот раст, особено за инвестициите. Позитивни промени се забележуваат во рочната и валутната структура и на депозитите на банките, видливи преку значителниот раст на долгорочните депозити и штедење во денари, коишто бележат двоцифрен раст. Ова е показател и за довербата на јавноста во банкарскиот систем и во политиките коишто ги води централната банка”, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Во рамките на посетата на Народната банка, гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, одржа презентација на тема „Најновите движења во банкарскиот сектор и патот напред”, пред претставниците на банките и регулаторните тела во земјава.

„Банките во еврозоната и во Словенија работат многу успешно во последно време, со високи стапки на профитабилност слични на оние на банките во С Македонија и со историски поволни показатели за квалитетот на средствата. Банките главно се добро капитализирани и одржуваат солидна ликвидност. Нивната поволна позиција е резултат на зајакнувањето и унифицирањето на банкарската регулатива и супервизија во еврозоната, подобрувањата на рамките на макропрудентната политика и на големата поддршка од монетарната и фискалната политика за време на пандемијата и енергетската криза. Сепак, европските банки се соочуваат со долгорочни предизвици поврзани со нивните деловни модели, дигитализацијата и зголемената конкуренција од небанкарските институции”, посочи гувернерот Васле.  

Гувернерите Ангеловска-Бежоска и Васле истакнаа дека и покрај поповолниот макроамбиент во текот на годинава и натаму постојат ризици и неизвесности главно поврзани со надворешното окружување и влијанието на геополитичките превирања и геоекономската фрагментација, при што централните банки ја задржуваат внимателноста во водењето на макропрудентните политики, како поддршка за зајакнување на финансиската стабилност во наредниот период.