Ангеловска – Бежовска: Во последните 10 години, вкупните депозити растат околу 8%, во просек, на годишно ниво

99

На свеченоста по повод Светскиот ден на штедењето – 31 oктомври, организирана од Македонската банкарска асоцијација, свое обраќање  имаше гувернерката на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) Анита Ангеловска – Бежовска .

Пред присутните, како што соопштуваат од НБРМ, таа се осврна на важноста на штедењето како од аспект на поединецот, така и за целокупниот економски напредок и одржувањето на макрофинансиската стабилност и притоа укажа и на повеќекратната корист за целокупното општество.

“Имајќи ги предвид сите придобивки на штедењето, задоволство ми е што можам да констатирам дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор. Во последните 10 години, вкупните депозити  растат со стапка од околу 8%, во просек, на годишно ниво, што придонесе за зголемување на штедењето  за околу 10 процентни поени на нивото од 55% од БДП во 2017 година. Фактот што депозитниот раст беше остварен во услови на глобалната криза и повеќе економски и политички шокови е потврда за високата доверба на граѓаните во банкарскиот сектор, којшто во целиот период остана здрав, стабилен, високо капитализиран и ликвиден, покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови. Особено позитивен е посилниот раст на депозитите во домашна валута и забрзувањето на растот на штедењето на долг рок, што го јакне капацитетот на банките за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проекти. Растот на депозитите обезбеди солидна основа за раст на кредитната активност и продлабочување на финансиското посредување за околу осум процентни поени во изминатите десетина години до нивото од 48% од БДП во 2017 година“, изјави гувернерката Ангеловска – Бежоска.

Таа нагласи и дека и покрај позитивните трендови, видлива е потребата за натамошно зголемување на вкупното домашното штедење, што е впрочем заедничка карактеристика на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Притоа, подетално се осврна и на поврзаноста на нивото на штедење со нивото на поддршка на инвестициите. Укажа и на тоа дека “перспективно гледано, несомнена е потребата од забрзување на инвестициите, што значи несомнена е и потребата за поттикнување на домашното штедење заради намалување на јазот помеѓу домашното штедење и инвестициите“.

Имајќи предвид дека, и покрај позитивните поместувања, стапката на вкупното домашно штедење во македонската економија и натаму е релативно пониска, гувернерката Ангеловска – Бежоска, во своето обраќање апелира дека е неопходен активен придонес од сите засегнати страни.

“И ние, како Народна банка, во согласност со надлежностите, и во следниот период ќе продолжиме со поддршката на штедењето преку натамошно одржување на макрофинансиската стабилност и на прудентната регулатива, за одржување здрав и стабилен банкарски сектор, придонесувајќи за одржување на довербата во финансискиот систем којашто е клучен предуслов за домашното штедење“, нагласи таа кон крајот на своето обраќање.

На свеченоста се обратија и министерот за финансии, Драган Тевдовски и претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски.