Пред нешто повеќе од една недела Chipotle лансираше кратка анимација “Плашило”, која воедно е и најава за новата игрица за iPhone и iPad, за тоа како во иднина со светот владее индустриски процесирана храна. Филмот веќе е прегледан преку шест милиони пати на YouTube и споделен е преку 300.000 пати на Facebook и Twitter. Песната “Чиста имагинација” од филмот Вили Вонка и чоколадната фабрика (1971) ја пее Фиона Епл. Ова е втор хит на агенцијата CAA Marketing за истата компанија. Првата анимација ја направи во 2011 година, “Назад на почетокот”, во која Вили Нелсон ја изведува песната The Scientist на Coldplay.
Chipotle Mexican Grill е ланец ресторани во САД, Британија, Канада, Франција и Германија, специјализиран за бурито и тако. Компанијата спроведува мисија наречена Храна со интегритет (Food with Integrity), односно се залага за користење на органски состојки и месо. Chipotle се обидува да ја смени перцепцијата за брзата храна и веруваат дека луѓето треба да знаат од каде доаѓаат состојките во храната што ја јадат.