Анита Ангеловска Бежоска: „Отворениот Балкан веќе дава резултати, трговската размена меѓу Скопје и Белград е веќе зголемена за 20 отсто“

26

Иницијативите како „Отворен Балкан“, кои можат да ги намалат пречките за слободниот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, имаат потенцијал да ги подобрат изгледите за економски раст на регионот. Тоа е особено значајно за нашите мали и отворени економии, со релативно ниско ниво на реална конвергенција со ЕУ. Досегашните успешни примери на транзицијата укажуваат на тоа дека за побрзо приближување на економиите, особено малите, од големо значење е да се намалат бариерите и да се зголеми трговската интеграција.

Ова го вели гувернерката на Народната банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска Бежоска во интервју за „Новости“, додавајќи дека особено е важно кога регионалната соработка може да помогне во вакви кризи.

– „Отворен Балкан“ веќе покажува позитивни сигнали, со оглед на воспоставениот интегриран систем на прекугранични премини, како и зелениот коридор за трговија со прехранбени производи. Во оваа смисла, податоците укажуваат на пораст на трговската размена меѓу трите економии. На пример, трговската размена меѓу македонската и српската економија годинава се зголеми за 20 отсто. Ефект можат да дадат и напорите за поврзување на пазарот на труд, во услови кога сите три земји се соочуваат со намалување на работоспособното население. Зголемената интеграција може да ги направи економиите поконкурентни и поатрактивни за странски директни инвестиции.