Apple бара инженери кои ќе развиваат 6G

34

Технолошкиот гигант, Apple ги претстави првите паметни телефони со 5G пред само неколку месеци. Сега се чини дека се подготвува за почеток на новата шеста генерација или 6G, што е доказ дека сака да биде лидер во оваа технологија, наместо да се потпира на други компании, пишува Bloomberg.

Оваа недела, компанијата од Купертино објави оглас за вработување, што јасно говори дека бараат инженери за развој на мрежа од следната генерација. Огласите се однесуваат на позиции во канцелариите на Apple во Силиконската долина и во Сан Диего, каде компанијата работи на мрежни решенија и дизајн на чипови.

“Ќе имате единствена прилика да создадете безжична технологија од следната генерација, којашто ќе има силно влијание врз идните производи на Applе. Во оваа улога ќе бидете во центарот на најсовремениот истражувачки тим одговорен за создавање на напредни технологии од следната генерација во следната деценија“, стои во огласот.

Аналитичарите не очекуваат 6G мрежата да почне да функционира пред 2030 година, но најавите сугерираат дека Apple сака да учествува во најраните фази во развојот на новите технологии.

Фото: Pexels