Apple и се извини на Кина за арогантното однесување

19

apple-warranty-china-tim-cook-apologyИзвршниот директор на Apple, Тим Кук, официјално им се извини на кинеските потрошувачи откако технолошкиот гигант беше подложен на критики во кинеските медиуми за “арогантно однесување” и примена на двојни стандарди.

Откако People’s Daily го обвини Apple за двојни стандарди во врска со политиката на почитување на гаранциите и враќање на производите, Тим ​​Кук на кинеската интернет страна на Apple објави извинување, во кое се вели дека производителот на iPhone “многу сериозно ги зема во предвид мислењата на потрошувачите”.

“Сфативме дека недостатокот на комуникација доведе до тоа да се создаде мислење дека сме арогантни и дека не им обрнуваме внимание на критиките на потрошувачите. Искрено се извинуваме за сите проблеми и недоразбирање што ги предизвика таквото однесување”, напиша шефот на Apple.

Во извинувањето Тим Кук вети дека ќе воведе промени во политиката во однос на гаранциите на производите, односно дека ќе ја подобри комуникацијата со сервис провајдерите, политиката за поправки и замени ќе биде многу појасна, а уредите што се под едногодишна гаранција ќе можат да се заменат за нови, а не само да се менуваат делови. Исто така, скршените капаци на моделите iPhone 4 и iPhone 4S ќе се менуваат бесплатно. Досега кинеските корисници требаше да плаќаат по 80 долари за замена на скршен заден капак, додека во земји како Јужна Кореја, Велика Британија и Австралија замената е бесплатна. Затоа и беше критикуван Apple за примена на двојни стандарди.

Кина е втор по големина пазар за оваа американска компанија. Производите на Apple се многу популарни во оваа земја, и покрај големата конкуренција на корејскиот Samsung и тајванската HTC.