Ark Invest драматично ги намали инвестициите во кинески компании

53

Извршната директорка на американскиот инвестициски фонд Ark Invest, Кети Вуд, рече дека „драматично“ ги намалила инвестициите во акции на кинеските компании како резултат на репресивните мерки на Пекинг кон големите бизниси и дека сега се фокусира на кинеските компании кои бараат владина помош. Според неа, инвестициската клима во Кина е значително различна од онаа на почетокот на годината.

„Не ги елиминиравме нашите позиции, но драматично го намаливме нашето позиционирање и некои од нашите имоти во Кина, кои станаа губитници. Ги заменивме со компании за кои знаеме дека и се додворуваат на владата со поддршка на „заедничкиот просперитет“, изјави Вуд, пренесе Business Insider.

Владата на кинескиот претседател Си Џинпинг оваа година ја засили контролата врз големите домашни компании, фокусирајќи се на еднаквоста и прераспределбата како дел од политиката на „заеднички просперитет“. „Ark Invest“, основана и управувана од Кети Вуд, се повеќе инвестира во компании како што се JD Logistics и платформата за е-трговија Pinduoduo, кои се обидуваат да останат на линија на владината политика.

Ark Invest соопшти дека JD Logistics, која е дел од гигантот за е-трговија JD.com, гради инфраструктура во Кина со ниски маржи и дека фондот го зголеми својот удел во матичната компанија кон крајот на август. Pinduoduo инвестира многу во намирници и синџири за снабдување со храна за да и помогне на владата.

Кинеските регулатори во четвртокот ги повикаа компаниите за игри на среќа, вклучувајќи го и Tencent, барајќи од нив да се фокусираат помалку на профитот. Властите, исто така, започнаа истрага за транспортната апликација Didi Chuxing во јули, само неколку дена откако компанијата излезе на берзата во Њујорк, каде собра повеќе од 4 милијарди американски долари инвестиции. Оттогаш вредноста на акциите на Didi падна за повеќе од 40 проценти.

Оваа реакција на кинеските власти ги обесхрабри инвеститорите да инвестираат во акции на локалните компании, а акциите на Tencent паднаа за повеќе од осум проценти на берзата во Хонг Конг, додека индексот Nasdaq Golden Dragon загуби повеќе од 30 проценти за котираните кинески акции во САД.

Вуд, која се прослави во 2020 година кога насочи големи средства кон технолошките компании, изјави дека Ark Invest нема да се откаже од Кина и дека очекува Пекинг да ги преиспита своите регулаторни прописи.