Армани започна со продажба, меѓу потенцијалните клиенти e L’Oréal

Неколку недели по смртта на Џорџо Армани, бренд кој симболизираше независност и оддалечување од големите конгломерати, компанијата се отвора за трансакција што би можела да ја редефинира нејзината иднина, но и рамнотежата на моќ во луксузниот сектор.

Според извори на Ројтерс, меѓу заинтересираните купувачи се споменува „Лореал“, додека влезот на инвестициски фондови во моментов не се разгледува. Ротшилд бил ангажиран како советник, што дополнително сигнализира за сериозноста на процесот. Тестаментот на починатиот дизајнер диктира дека наследниците мора да продадат најмалку 15 проценти од акциите во рок од 18 месеци, додека подоцна се отвора можноста за постепено стекнување до 55 проценти или алтернативно излегување на берза. Аналитичарите проценуваат дека вредноста на „Армани“ би можела да биде помеѓу 5 и 12 милијарди евра. За разлика од многу луксузни брендови кои веќе се под капата на конгломерати како што се „ЛВМХ“ или „Керинг“, „Армани“ со години гради репутација на независен играч. Сега, меѓутоа, се поставува прашањето за долгорочната одржливост на таков модел во услови на глобална консолидација и растечкиот притисок на капитал потребен за дигитализација, одржливост и меѓународна експанзија. Структурата на сопственост останува специфична – Фондацијата Џорџо Армани и Панталео Дел’Орко поседуваат 70 проценти од правата на глас, додека тестаментот предвидува дека фондацијата мора да задржи најмалку 30,1 процент дури и по влегувањето на стратешки партнер. Ова значи дека купувачот ќе добие значаен, но не и контролен удел, со што ќе се продолжи традицијата на независност на Армани, барем во формална смисла.

Потенцијалниот влез на „Лореал“, кој веќе има силно портфолио на луксузна козметика и модни лиценцирани брендови, би отворил простор за синергии во индустријата за парфеми и убавина, како и дополнителен глобален маркетиншки дострел. Но, аналитичарите предупредуваат дека „Лореал“, кој ја изгради најголемата луксузна империја во светот преку аквизиции, исто така би можел да покаже интерес и тешко дека би ја пропуштил можноста да разгледа удел во „Армани“.