AstraZeneca во вториот квартал на ЕУ ѝ испорачува двојно помалку вакцини

20

Фармацевтската компанија AstraZeneca во вториот квартал од оваа година најверојатно ќе испорача помалку од половина од договорената количина на вакцини против коронавирусот со Европската унија, пренесува Ројтерс.

Очекуваниот помал број доаѓа по големото намалување на испораката во првиот квартал што би можело да ги загрози намерите на ЕУ до летото да се вакцинираат 70% од возрасното население.

Европски претставник, кој бил вклучен во разговорите со британско – шведската компанија, рекол дека AstraZeneca го информирала Брисел дека во “вториот квартал ќе испорача помалку од 90 милиони дози“.

Според договорот со ЕУ, фармацевтската компанија во тој период требало да испорача 180 милиони дози од вакцината.

Портпаролот на AstraZeneca изјави дека компанијата напорно работи за да ја зголеми продуктивноста за европскиот пазар.

AstraZeneca до крајот на јуни би можела да испорача околу 130 милиони дози, што е далеку помалку од 300 милиони колку што се обврзала.

Европската унија се соочува и со доцнење на испорака на вакцините од Pfizer и BioNTech, како и онаа од Moderna.

Некои земји членки на ЕУ, како што е Унгарија, ги користи вакцините произведени во Русија и Кина.

Фото: Pexels