Атлантик Група и белгиската компанија Аминолабс склучија стратешко партнерство

28

atlantik-grupa

Атлантик Група ќе го дезинвестира производството на спортска и активна исхрана на белгиската компанија Аминолабс Груп, но ќе го задржи брендот Multipower, стои во соопштението.

Со цел понатамошно реструктурирање и поедноставување на работењето во сегментот на спортска и активна исхрана, но и фокус на сопствените брендови, Атлантик Група одлучи да ги продаде фабриките во Германија (Блекеде) и Хрватска (Нова Градишка) како и поврзаното производство за трети лица (private label) на белгиската компанија Аминолабс Груп. Вредноста на трансакцијата изнесува 27 милиони евра од кои исплатата на 20,3 милиони евра следува по потпишувањето на договорот, додека остатокот ќе биде исплатен во наредните две години. Завршувањето на трансакцијата се очекува во последниот квартал од оваа година. Атлантик Група во погонот во Нова Градишка останува малцински партнер, а стратешките брендови Multipower, Champ и Multaben се издвоени во посебна бизнис единица и остануваат во стопроцентна сопственост на Атлантик Група.

Атлантик Група ќе продолжи да го развива брендот Multipower, приближувајќи го до премиум сегментот, задржувајќи ги во своја надлежност маркетингот, продажбата и иновациите на производното портфолио на спортска исхрана. Договореното производство на стратешкиот бренд се продолжува во соработка со Аминолабс, а новото партнерство отвора перспектива за раст на целокупното работење со спортска исхрана во Европа.

Аминолабс Груп е специјалист за развој и производство на иновативни концепти во областа на додатоци за исхраната и е добавувач на бројни угледни меѓународни компании коишто се занимаваат со здрава исхрана. Компанијата има седиште во Хаселт во Белгија и два современи производни погони кои го имаат сертификатот GMP (Good Manufacturing Practice) сместени во Хаселт и Зотегем. Компанијата делува во 36 земји низ светот, а купувачи се многу угледни брендови, интернет продавници, малопродажни и фармацевтски ланци.