Атлантик група потпиша договор за купување на Foodland

22

foodland

Хрватската компанија Атлантик група потпиша договор за стопроцентно преземање на српската прехранбена компанија Foodland, со седиште во Белград и погони за производство во подножјето на Копаоник. Преземањето формално стапува на сила откако ќе биде одобрено од српската Комисија за заштита од конкуренција, кое се очекува на почетокот од наредната година, стои во соопштението на Атлантик група.

Foodland е познат произведувач на ајвар, различни производи од овошје и зеленчук, овошни намази, сокови и џемови под брендот Бакина тајна. Аквизицијата претставува засилување на асортиманот на Атлантик група и дополнителен импулс во интернационализацијата на работењето.

“Производите на Foodlаnd се вистинска скапоценост на прехранбената индустрија и најдобар амбасадор во светот за квалитет и можности кои ги има автентичното регионално производство на храна. Бакина тајна нуди џемови, слатко и сокови од локално овошје – било да се тоа диви капини, јагоди, дренки или коприва со одлична следливост и произведени на домашен начин. Како дијамант на круната е секако домашниот ајвар, кој како деликатес е препознат од светските трговски ланци како шведскиот Куп, австралискиот Вулвортс или американскиот Рос, како и премиум трговците на мало како францускиот Лафајет и Ле Бон Марш, швајцарскиот Глобус, шведскиот Хемкоп, британскиот Селфриџис, рускиот  Азбука Вкуса, американскиот Фервеј или јапонскиот Фресеј. Овој бренд има значаен развоен потенцијал во регионот и пошироко, каде веќе со години остварува одлични резултати. Со тоа, оваа аквизиција ги постигнува двете цели дефинирани во стратегијата за развој на Атлантик – ширење на постоечкото портфолио на брендови и интернационализација”, изјави претседателот на Управата на Атлантик Група, Емил Тедески.

Производите на Foodland се присутни во повеќе од 20 земји, а околу една третина од вкупното производство се извезува на пазарите надвор од регионот.

“Понатамошниот развој на компанијата и производите бара значителни вложувања и поради таа причина веќе подолго време преговаравме со низа потенцијални партнери за можните форми на докапитализација. Атлантик Група се покажа како навистина сериозен соговорник кој ја разбира природата на нашата работа, начинот на кој работиме, вредноста на брендовите, сериозноста и преданоста кон пристапот на нашите производи од плодот, па преку внимателно производство според најдобрата традиција на нашите баби, се до пакувањето и полиците, кој ја разбира потребата да се вложува во нив и има развојна визија. Преку разговорите добивме доверба дека станува збор за стратешки инвеститор кој ќе знае добро да управува со брендовите на Foodland, да го развива портфолиото и да ја унапреди позицијата на пазарот. За тоа укажува и покажаната професионалност за време на деталната анализа и преговорите за купување како и целосното искуство и резултати од досега преземаните брендови во составот на Атлантик”, објасни досегашниот мнозински сопственик на Foodland, Васо Лекиќ.