Авиокомпанија суспендира 50 линии на екс – Ју просторите, најмногу во Скопје

34

Авиокомпанијата Wizz Air е во процес на суспендирање до 50 линии на просторите во поранешна Југославија, а секој град што ќе го опслужува оваа компанија ќе биде засегнат, пишува Еx – Yu Aviation.

Најголем број откажувања го чека Скопје, а главниот град на С. Македонија го следат Тузла, Охрид, Подгорица, Белград, Ниш, Приштина, Љубљана, Сплит и Сараево.

Во текот на ноември, превозникот повеќе нема да ја опслужува Подгорица, бидејќи сите шест рути од црногорската престолнина ќе бидат суспендирани. Сепак, некои летови ќе бидат вратени во декември.

Превозникот повторно го одложи почетокот на новите летови од Милано до Приштина, а новиот датум за почеток е 19 декември. Тие исто така ја прекинаа линијата помеѓу Дортмунд и Сплит, којашто беше воспоставена ова лето и што беше планирано да функционира во текот на зимската сезона.

Неколку правци што сè уште се активни, како што се Мемминген – Подгорица, Виена – Охрид и Стокхолм – Скопје, ќе бидат суспендирани на две недели, а ќе ги нема во текот на зимската сезона.

Повеќето летови нема да бидат обновени до летната сезона следната година, која започнува кон крајот на март. Wizz Air е во процес на обновување на некои линии кои беа привремено откажани за време на летото, вклучително и Скопје – Турку и Белград – Ларнака, додека летовите на линиите Скопје – Нирнберг, Скопје – Копенхаген и Белград – Баден Баден ќе бидат повторно воспоставени на крајот на месецот.

Компанијата се соочи со пад од 60% на бројот на патници во септември, месец за којшто се надеваа дека ќе претставува почеток на закрепнување.

Фото: Freepik