Автомобилите нема да “трпат“ пијани возачи

39

Германската технолошка компанија Bosch разви систем за внатрешен надзор за автомобили, којшто користи вештачка интелигенција. Од Bosch објаснуваат дека системот користи неколку камери и може да преземе низа задачи, а во производство треба да премине во 2022 година.

Една од неговите карактеристики вклучува камера во воланот. Може да открие кога возачот нема да внимава, кога очите се затвораат и кога ја свртува главата кон задните седишта или лицето што седи до него. Системот ги анализира овие информации и може да преземе неколку активности како предупредување на возачот, препорака за пауза, па дури и забавување на возилото.

Покрај камерата на воланот, системот на Bosch користи и камери кои се наоѓаат над или под ретровизорот. Тие можат да го предупредат возачот за потенцијално сериозни проблеми, како на пример дете кое го вади безбедносниот ремен.

Нови правила

Од средината на 2022 година, сите нови автомобили на пазарот на ЕУ треба да имаат напредни системи за безбедност. Според најавата, новите правила значат дека сите моторни возила (сè од автомобили и камиони до автобуси и комбиња) ќе треба да имаат безбедносни карактеристики, вклучително: систем за тревожење и предупредување за поспаност на возачот и уред за снимање настани.

Bosch е една од неколкуте технолошки компании што има за цел  да развие технологија за зголемување на безбедноста на возилото. Во март, Volvo Cars објави дека планира да инсталира камери и сензори во автомобилите за да ги следи возачите дали возат во алкохолизирана состојба и со намалено внимание. Компанијата соопшти дека нејзиниот систем ќе биде користен за надзор над возачите, а кога ќе биде потребно ќе интервенира ако возачот не реагира на сигналите. Возилото ќе може само да ја ограничи брзината, забави и паркира на безбедно место.

Фото: Pexels