Азески: Здружување на компаниите за поголем извоз

15

azeski1Стопанската комора на Македонија предлага пораст на извозот преку интензивно учество на традиционалните пазари, освојување нови, алтернативни и пробив во земјите од ЕУ каде се уште Македонија не е присутна.

Претседателот на Комората Бранко Азески смета дека за тоа е неопоходно здружување на компаниите во поголеми кластери и понуда на заеднички производ со повисоки вредности, јавува МИА.

“Високата концентрација на македонскиот извоз во само неколку земји може да има негативни последици по неговиот натамошен раст, имајќи ги предвид проекциите на ММФ за економските активности на глобално ниво и одделно по региони за 2014 година”, вели Азески.

Според него во функција на поттикнување и раст на извозот, конкретни мерки и активности треба да преземат сите засегнати, компаниите, коморите и државата.

“Окрупнувањето на македонската економија и здружувањето на компаниите во поголеми кластери е најважно за поддршка на извозот, бидејќи како мали, фирмите не можат да направат значаен пробив на пазарот. Настапот на алтернативни, поголеми, далечни пазари, изискуваат обем на понудена количина на производ што домашните компании не секогаш се подготвени да ги изработат”, истакнува Азески.

Тој потенцира дека за таа цел, додава, потребно е заеднички настап на компании од регионот на трети пазари, учество на меѓународни тендери, надминување на проблемите со транспортната инфраструктура и побрзо подобрување на железничкиот, патниот и водниот транспорт во регионот, заедничко финансирање на производството и трговијата, реализација на потенцијални развојни проекти, како индивидуални, така и на проекти за заеднички настап, обука на кадри за следење на новите технологии, надминување на постојниот дефицит од одредени специфични профили во конкретни дејности, соработка за  изработка на заеднички проекти со цел поголемо искористување на средставата од ЕУ фондовите.

“Македонската економија треба навреме да се наметне на европските пазари со конкурентни и квалтетни производи со што и директно ќе влијае на стимулирање на домашната економија. Ако на проекциите за европската економија се надоврзат и проблемите на домашниот пазар, намалена ликвидност, намалена домашна потрошувачка, тогаш јасно е дека токму во зголемен извоз и нови алтернативни пазари за пласман на македонските производи треба да се гледа можноста за перспектива на раст на домашната економија”, подвлекува претседателот на Комората.

Над 90% од извозот Македонија реализира на пазарите на ЕУ и членките на ЦЕФТА. Но, и во рамките на овие економски групации има висока концентрација на извоз само во неколку земји. Скоро половина од извозот во ЕУ е насочен кон четири земји (Германија, Грција, Италија и Бугарија), додека пак 90% од извозот во земјите на ЦЕФТА отпаѓа на Србија, Косово и Хрватска.

Вкупната трговска размена со медитеранските, блискоисточните и земјите од Заливот во 2012 година изнесува само 61,4 милиони долари, (0,59% учество), а во извозот 18,2 милиони (0,45%).

Согласно анкетата на Комората кај извозните компании, за незадоволителниот извоз во овие региони, главно се детектирани следниве проблеми: високи царини – немање преференцијална трговија, сиромашна билатерална регулаторна рамка, демотивирачки визни процедури за влез во Македонија, немање развиена мрежа на дипломатско-конзуларни претставништва во тие земји (има само во Анкара, Истанбул, Тел Авив, Каиро и во Катар), транспортни проблеми (трошоци за континентален пат, неизвесност на работењето на Пристаништето во Солун, единствен директен авионски лет – за Дубаи), во однос на Иран – проблеми поврзани со ембаргото и латентен ризик по однос на курсот долар/евро.

Азески порачува развивањето на соработката, вклучувајќи ја и економската со земјите од југоисточен Медитеран или земјите од Барселонскиот процес кон кој ќе се приклучи и Либија, земјите од соседството (CIS и кавкаските земји) и земјите од Заливот, да се сфати како составен дел од нашиот ЕУ-интегративен  процес.