Азиските берзи го следат падот на Волстрит

51

На Азиските берзи цените на акциите значително паднаа, како и на Волстрит претходниот ден, додека вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна пред говорот на претседателот на ФЕД Џером Пауел во Џексон Хол.

Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион беше околу 7:00 часот во минус за околу 1 отсто, но сè уште е на пат за неделна добивка од околу 0,5 отсто.

Утрово на токиската берза индексот Никеи потона за речиси 2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,4 и 1,1 отсто.

Така, азиските берзи го следат вчерашниот пад на Волстрит, каде Dow Jones загуби 1,1 отсто, додека S&P 500 се лизна за 1,35 отсто, а Nasdaq индексот 1,9 отсто.

По силниот раст од претходните денови, цените на акциите на најголемата светска берза вчера паднаа во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500.

Ова е резултат на претпазливоста на инвеститорите пред говорот на претседателот на ФЕД Џером Пауел на состанокот на централните банкари во американскиот град Џексон Хол во петокот.

Пауел, како и коментарите на другите лидери на централните банки за состојбата во економијата и каматните стапки, би можеле значително да влијаат на насоката на пазарот.

Основното прашање е дали инфлациските притисоци во западните економии се намалија доволно за централните банки да го завршат циклусот на зголемувања на каматните стапки или ќе следи уште едно зголемување.

Прашањето е и колку долго каматните стапки ќе останат на покачени нивоа, односно кога централните банки би можеле да почнат да ги намалуваат.

Поради ова, вчера паднаа и цените на акциите на технолошките гиганти, кои последниве денови растеа благодарение на добрите деловни резултати на производителот на чипови Nvidia.

„Колку што инвеститорите сакаат да се фокусираат на Nvidia и технолошкиот сектор, кој имаше одлични перформанси досега оваа година, ова е сепак пазар кој зависи од ФЕД. Затоа, се зависи од тоа што ќе каже Џеј Пауел. Ова може да ги префрли инвеститорите од купување кон продавање“, објаснува Џејк Долархид, директор во Longbow Asset Management.