Азиските берзи паѓаат – украинската криза загрижува

На азиските берзи во понеделникот цените на акциите паднаа бидејќи инвеститорите се загрижени за ескалацијата на тензиите меѓу САД и Русија околу Украина, додека цените на нафтата од истата причина достигнаа нови највисоки нивоа во последните седум години.

Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без јапонскиот, околу 5:30 часот беше помалку за околу 1 процент.

На токиската берза индексот Nikkei потона за повеќе од 2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Хонг Конг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,4 и 1,4 отсто.

Азиските инвеститори се загрижени за украинската криза, откако Белата куќа во петокот рече дека Русија сега има доволно војници за да спроведе голема воена операција врз Украина, дека нападот може да следи секој ден и дека сите Американци треба да ја напуштат Украина во рок од 24 до 48 часа.

Поради тоа, цените на акциите на Волстрит паднаа во петокот, а се очекуваа пад на цените на акциите на европските пазари.

Инвеститорите исто така не се сигурни бидејќи американската централна банка наскоро ќе ги зголеми клучните каматни стапки за да ја ограничи инфлацијата, која го достигна највисокото ниво во последните 40 години.