Управата на хрватската компанија за производство на алкохолни пијалоци Бадел 1862 повикува потенцијални стратешки инвеститори на искажување интерес за активно вклучување во спроведување на мерките за финансиско и оперативно реструктуирање на фирмата во рамките на предстечајната спогодба, стои во соопштението објавено на Загрепска берза.
Краен рок за искажување интерес и достава на писмо на намери е 23 мај 2016 година.
Во соопштението стои дека компанијата се придржува до правото да ги комуницира потенцијалните стратешки инвеститори според сопствен избор, без посебно образложение, како и право на конечен избор на стратешки инвеститор којшто ќе се вклучи во постапката на предстечајна спогодба и со кој ќе се утврдат мерките за финансиско и оперативно реструктуирање на Бадел 1862.
Во декември минатата година, компанијата излезе од бизнисот со безалкохолни пијалоци и соопшти дека ќе се фокусира на производство и дистрибуција на жестоки алкохолни пијалоци и вина, со што ќе ја зајакне својата пазарна позиција на регионален лидер и најголем хрватски извозник во категоријата жестоки алкохолни пијалоци и црвени вина.