Бајден ја прошири црната листа на кинески компании

39

Американскиот претседател Џо Бајден ги заостри ограничувањата кон кинеските компании, наводно поврзани со кинеската војска и потпиша одлука со која им се забранува на Американците да купуваат или продаваат хартии од вредност на 59 кинески компании од втори август.

Кинеската влада се спротивстави на овој потег уште пред да биде објавен.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин рече дека САД ги игнорираат фактите и дека треба да ги “исправат грешките” и “да престанат да им штетат на глобалниот финансиски пазар и интересите на инвеститорите”. Новата мерка се надоврзува на наредбата издадена од претходникот на Бајден, Доналд Трамп, во ноември, со списокот на црната листа на повеќе од 50 кинески компании со наводни врски со војската.

Наредбата на Бајден сега ги опфаќа компаниите што САД ги обвинуваат за употреба на технологија за надзор што овозможува кршење на човековите права. Во одлуката се наведува дека САД ги бранат американските инвестиции во кинески компании кои “ги поткопуваат безбедноста и демократските вредности на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници”. Белата куќа додава дека списокот ќе се ажурира доколку е потребно.