Бајден: Ќе изградиме привремени силоси на границата со Украина за извоз на жито

38

Американскиот претседател Џозеф Бајден најави изградба на привремени силоси долж границата со Украина со цел да се помогне извозот на житни култури.

„Тесно соработувам со нашите европски партнери за пласирање на пазарот 20 милиони тони жито заробено во Украина, што би помогнало да се намалат цените на храната. Бидејќи не може да помине низ Црното Море, ќе изградиме привремени силоси на границите на Украина“, кажа Бајден.

Соединетите држави работат на план за извлекување жито од Украина со железница, но истакнаа дека ширините на железничките пруги на Украина се различни од оние во Европа и дека житото мора да се претоварува во различни возови на границата, наведува британската агенција.

Бајден ја бранеше и својата економска политика на Конвенцијата на Сојузот на американските синдикати што се одржа во Филаделфија во време кога на Волстрит расте стравот од рецесија.

„Волстрит не ја изгради оваа земја, средната класа ја изгради оваа земја. Веќе не сакам да слушам лаги за непромислено трошење. Ги менуваме животите на луѓето“, рече Бајден, додавајќи дека доколку инвестициските банкари штрајкуваат, нема да се случат промени во американската економија, пренесува Гласот на Америка.

Американскиот претседател побара од американските нафтени рафинери да произведуваат повеќе бензин и дизел, нагласувајќи дека Американците плаќаат рекордно високи цени на бензинските пумпи и дека профитот на рафинериите тројно се зголемил за време на војната меѓу Русија и Украина.

„Тешкотиите со кои се соочуваат семејствата заслужуваат итна акција. Вашите компании треба да соработуваат со мојата администрација за да дојдат до конкретни, краткорочни решенија за кризата“, напиша Бајден во писмото до нафтените рафинерии, до кои има пристап „Асошијетед прес“.