Балканот без вистински економски мостови: „Отворен Балкан“ не даде резултати

На регионот му треба поголемо економско поврзување. И покрај тоа што досега имаше многу иницијативи за поврзување на државите од регионот, се добива впечаток дека не ги дадоа посакуваните ефекти. Најмногу се очекуваше од „Отворен Балкан“, но и оваа иницијатива остана во сенка на заложбите на земјите за поголемо регионално и економско поврзување. Економските експерти се согласуваат дека досегашните регионални иницијативи не ги исполнија очекувањата во однос на поголемо регионално поврзување кое требаше да донесе до поголем економски раст и развој на земјите.

-Иницијативата „Отворен Балкан“ требаше да овозможи поголем економски развој на регионот, поврзување на економиите, слободен проток на стоки и повеќе странски инвеститори. Но, според она што го гледаме, работите не се одвиваат со предвидената динамика, односно ефектите се многу помали од очекувањата. Изостанаа заедничките инвестиции, поголема размена на работна сила и поголема трговска размена меѓу земјите, сметаат дел од експертите за „Локално“.

Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски смета дека земјите од регионот ништо не прават доколку не се вклучи некоја европска земја.

-Земјите од регионот нема да направат ништо ако се оставени сами на себе. Потребно е ЕУ да ги покрене тие регионални врски. Потребно е водство од страна на некоја моќна европска земја која ѓе ги поврзе земјите од Западен Балкан. Но, потребно е да се има желба и да се работи на тоа. Ако се остават сами на себе тоа ќе оди многу тешко, вели Ѓорѓиевски.

И економскиот аналитичар Абил Бауш ја поздравува ваквата идеја за поврзување, но смета дека голем проблем е инфраструктурата во земјите од регионот.

-Ако погледнете, ќе видите дека возовите и речиси да не се движат, нема поврзување со железница, а нема ниту добро поврзување и по земјен пат. Сега се обидување да направиме некое поврзување, но сите народи на Балканот како да се разделени по релјефен пат. Не се обидуваат да се поврзат за да дадат некаков сигнал дека можат и економски да соработуваат. Географски имаме бариери за да нема соработка, оценува, меѓу другото, аналитичарот во разговор за „Локално“.