Балканска држава на чекор до воведување на работно време од 7 ЧАСА

Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека, по обемни размислувања за тоа како да се најде модел што ќе ги задоволи и синдикатите и работодавачите, тие се блиску до решение во врска со воведувањето на седумчасовно работно време.

Премиерот најави дека на почетокот на следната недела, министерката за труд и социјална грижа, Наида Нишиќ, ќе води дискусии во рамките на социјалниот дијалог со претставници на синдикатите и работодавачите, каде, како што рече, ќе се кристализира конечната верзија на реформата.

Намерата, вели Спајиќ, е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на работата, која има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните и „повеќе време за семејствата, но и поефикасна и попродуктивна работа“.

„Токму на начинот на кој беа имплементирани програмите „Европа сега 1“ и „Европа сега 2“ – со согласност и на работодавачите и на синдикатите – конкретните чекори во случајот со реформата на 7-часовното работно време ќе бидат преземени исклучиво со целосна поддршка од социјалните партнери“, најави Спајиќ.