Банка на среќата и во Хрватска

44

Happy-Face

Банка на среќата е онлајн платформа за размена на добри дела. Овие банки не даваат пари, нема камати, кредити, туку се место на кое се поврзуваат општествено одговорни луѓе кои бесплатно нудат или бараат услуги. Од овој месец, Банката на среќата добива и хрватска верзија, благодарение на волонтерското здружение Поза, пишува Seebiz.

Клиент на Банката може да биде секој кој има нешто да понуди, како на пример шетање кучиња, часови за странски јазик, поправка на некој апарат, совети од стручно подрачје…

Во Банката на среќата сè е бесплатно, нема наплата ниту размена на материјални добра. Клиентите ги нудат своето знаење, талент и време, а размената не е еден на еден, не мора истовремено да се дава и да се прима некаква услуга. Договарањето останува на корисниците.

Идејата за Банка на среќата доаѓа од Естонија, во 2008 година, на иницијатива на психологот Аири Киви. Киви сакала да ги спои луѓето на кои им треба помош, а не знаат кому да му се обратат и луѓето кои сакаат да помогнат, но не знаат како.

“Веруваме дека преку посветување на дел од времето правејќи добро дело, се доживуваат позитивни емоции. Во Банката на среќата секое добро дело се наградува со Ѕвезда на благодарноста или со пријателска насмевка”, стои на интернет страната на Банката.

Интернет страната е преведена на англиски, шпански, германски, италијански, француски, холандски и руски, а од овој месец и на хрватски.