Банкарите реагираат: Измените на Законот за проценка ќе го забави кредитирањето

36

Забавување на кредитирањето и зголемување на проценките на хипотекарните кредити, ќе биде резултатот од најновите измени на Законот за проценка кој во моментов е во изработка во Министерството за правда. Банкарите забележуваат и апелираат да не се прифатат овие измени и да се остави решението кое е донесено пред три години, односно во 2010 година. Тие објаснуваат дека граѓаните сега плаќаат еднократно, а кога би се усвоиле измените тие би плаќале секоја година.
Банкарите за пример дадоа дека ако сега за стан од 60 метри квадратни проценката е еднократна и се движи од 2.000 до 2.500 денари, со измените на законот таа ќе достигне до 150.000 денари.
“Просечните цени кои ги нудат банките се далку пониски, а услугата се врши многу побрзо. Со измените на законот, банките нема да можат преку своите вработени да ја вршат проценката, а крајната цена ќе ја платат потрошувачите, односно нашите клиенти”, изјави претседателот на Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓи Јанчоски.
Од Здружението допис со свои забелешки на 7-ми ноември доставиле до Министерството за правда, Народната банка на Република Македонија и Министерството за финансии, но досега се уште не добиле одговор.