
По два дена пад, берзанските индекси пораснаа на Волстрит во четврток, благодарение на подобрите од очекуваните деловни резултати од производителот на чипови TSMC и неколку банки.
Дау Џонс доби 0,60 проценти, на 49.422 поени, додека S&P 500 порасна за 0,26 проценти, на 6.944 поени, а индексот Nasdaq за 0,25 проценти, на 23.530 поени.
Откако беше под притисок неколку дена, финансискиот сектор вчера нагло порасна, благодарение на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати од неколку големи американски банки, како што се „Морган Стенли“ и „Голдман Сакс“.
Цената на акциите на Голдман скокна за повеќе од 4 проценти, а на Морган Стенли за речиси 6 проценти.
Пазарот беше поддржан и од порастот на цените на акциите на производителите на чипови, откако тајванската TSMC објави рекордни приходи и заработка, што покажува дека побарувачката за чипови за развој на вештачка интелигенција останува силна.
Секторот за производство на чипови порасна за 1,8 проценти, при што акциите на TSMC пораснаа за повеќе од 4 проценти, а акциите на Nvidia, Broadcom и Applied Materials исто така напредуваа.
Во наредните денови и недели, инвеститорите најмногу ќе ги следат деловните резултати на компаниите, со оглед на тоа што сезоната за објавување финансиски извештаи започна.
Цените на акциите вчера пораснаа и на повеќето европски берзи. Лондонскиот индекс FTSE зајакна за 0,54 проценти, на 10.238 поени, а франкфуртскиот DAX за 0,26 проценти, на 25.352 поени. Сепак, парискиот CAC ослабе за 0,21 проценти, на 8.313 поени.











