Банките во Германија форсираат работа од дома

26

Банките во Германија забрзано го намалуваат бројот на квадратни метри што ги користат и што ги изнајмуваат откако расте бројот на вработени кои сакаат да работат од дома.

Според Bloomberg, германските банки се лидери во глобалното движење со коешто засекогаш би можел да се промени начинот на којшто работат банкарите, но и целиот свет.

Deutsche Bank испразни неколку катови на коишто пред избивање на пандемијата работеле околу 1.000 лица. Германската подружница на НЅВС празни шест локации во Дизелдорф и се сели во нов и двојно помал простор, додека BNP Paribas во Франкфурт планира да го намали канцеларискиот простор за 40%. И други регионални банки имаат слични планови.

Темпото со коешто банките во Германија го трансформираат начинот на работа е побрз од сите европски конкуренти кои, исто така, имаат флексибилна политика за работа од дома во постпандемискиот период. Голема е разликата меѓу европските и американските банки, па така за пример Goldman Sacsh го задржува моделот според кој сите би требало да работат во канцеларија.

Во Европа скоро сите банки имаат воведено флексибилен модел на работа, според којшто вработените работат од дома два до три пати во неделата.

Банкарски гиганти како што се Credit Suisse, UBS и UniCredit веќе рекле дека со работата од дома ќе се ослободи поголем канцелариски простор, но Германците засега отишле најдалеку, можеби затоа што во поголемиот дел од земјите договорите за изнајмување се склучуваат на период од 10 или повеќе години, па откажувањето би значело и плаќање пенали.

Скоро 40% од вработените во германскиот услужен сектор во јуни работеле целосно или делумно од дома, додека на ниво на цела земја секој трет вработен делумно или целосно работи од дома.

Фото: Pexels