Барбери со профит по една година загуба, акциите скокнаа за 5%

Британскиот луксузен моден бренд Барбери денес ги објави резултатите за првата половина од годината, кои укажуваат дека компанијата е на пат кон закрепнување, делумно благодарение на зголемената побарувачка во Кина.

Во шесте месеци до крајот на септември, вкупните приходи се намалија за пет проценти на годишно ниво на 1,03 милијарди фунти, или три проценти без валутните ефекти. Сепак, оперативниот резултат на прилагодена основа се врати од загуба во добивка, при што Барбери оствари оперативен профит од 19 милиони фунти, во споредба со загуба од 41 милион фунти во истиот период минатата година. Бруто маржата се зголеми на 67,9 проценти, додека оперативната маржа се подобри на 1,9 проценти, објавува порталот „Фешн нетворк“.

По веста за резултатите, акциите на Барбери скокнаа до 5,3 проценти во раното тргување во Лондон. Од почетокот на годината до вчерашното затворање, вредноста на акциите на овој моден бренд веќе се зајакна за 28 проценти, што ѝ овозможи на компанијата да се врати на индексот FTSE 100, објавува „Блумберг“.