Француската компанија Beauer создаде камп приколка што додека е прикачена на автомобилот е три пати помала од нејзината вистинска големина. Но, откако ќе се паркира со притискање на едно копче, оваа камп приколка за 20 секунди се зголемува за три пати.
Идејата за дизајн на Beauer 3x започна во 2009 година поради потребата за полесно движење на ваквиот вид на приколки прикачени на автомобилите, додека се наоѓаат на пат.
“Овој концепт е патентиран на меѓународно ниво и се базира на технологија на телескоп (повлекување). Оваа техника овозможува распоредување на трите модули, со што трикратно се зголемува површината на приколката. Оваа операција не бара здодевна или комплицирана инсталација, туку само едно лице со минимален напор може да ја отвори за помалку од 20 секунди“, стои на страницата на француската компанијата.
Штом приколката е затворена, на ист начин во внатрешноста се поставува и мебелот. Во моментот кога ќе се вклучи копчето и приколката ќе почне да се зголемува, така и мебелот се враќа во потребната позиција.
Во внатрешноста на приколката е сместена бања, спална соба, кујна, трпезарија и дневна соба.
Beauer веќе е лансиран во Франција, а плановите се да почне со продажба и во Европа и САД во следните неколку години.