БЕГ: Задолжителна проверка на зградите во пресрет на грејната сезона

40

Согласно законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден по 01.10.2018 година, доколку временските услови тоа го наложуваат. Сите подготовки на системот за централно греење се направени и истиот е целосно подготвен за новата грејна сезона 2018/2019 година.

За да може грејната сезона да започне насекаде и навремено, неопходно е станарите да ги завршат проверките и интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Снабдување со топлина Балкан Енерџи. Исто така, Заедниците на сопственици на станови или управителите, за службените лица на компанијата треба да овозможат непречен пристап до топлинските станици во зградите и да  обезбедат постојано напојување со електрична енергија, неопходна за нивно редовно фунционирање – платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација.

Само доколку сите овие предуслови бидат исполнети, ќе може непречено да биде доставена топлинската енергија до сите потрошувачи.

Снабдување со топлина Балкан Енерџи за ова со писма навремено ги информираше сите потрошувачи и Заедници на сопственици на станови, односно фирмите кои управуваат со станбените единици. Сепак, и покрај ова, во моментов во околу 190 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен им е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.

Снабдување со топлина Балкан Енерџи ги повикува потрошувачите,  Заедниците на станари и Управителите да ги обезбедат условите во своја надлежност неопходни за старт на грејната сезона. Само доколку се исполнети сите предуслови, топлинската енергија ќе може непречено да биде доставувана до сите потрошувачи.

Сакаме да истакнеме дека годинава, бројот на објекти чии инсталации не се комплетно во функција е намален во однос на минатата година. Затоа, Снабдување со топлина Балкан Енерџи им благодари на потрошувачите за соработката, истакнувајќи дека тоа придонесува за квалитетот на снабдувањето со топлинска енергија.

За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центар за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, а подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на Снабдување со топлина Балкан Енерџи.