Бектеши: Ќе се укине забраната за извоз на брашно, залихи на храна има доволно

41

Ќе се укине забраната за извоз на брашно што беше воведена поради вонредната состојба, одлучи денеска Министерството за економија по средбата со мелничарите.

Како што соопшти министерот Крешник Бектеши, одлуката е донесена откако е утврдено дека мелничката индустрија работи одлично во моментов, залихи има и во приватните млинови и во стоковните резерви, а увозот на пченица во целото опкружување е дозволено.

Министерот Бектеши истакна дека оваа индустрија е многу важна во целокупната економија во државата, но истовремено е многу важна бидејќи ги произведува најосновните продукти во оваа кризна ситуација, односно брашно.

“Откако се прогласи панедемијата Владата и Министерството за економија интензивно работеа и работат на донесување на одлуки и уредби коишто се од значајна важност не само за граѓаните, туку и за работата на компаниите. Сакам да информирам дека од почетокот на оваа пандемија. Северна Македонија немаше големи проблеми со снабдување на брашно за граѓаните, ниту зголемување на цените на брашното. Ние донесовме одлука за замрзнување на цената на основните прехранбени продукти со што овозможивме да се заштитат граѓаните од ценовни шокови. Сакам да ја информирам јавноста дека согласно сите податоци кои што ги имаме оваа индустрија работи одлично во моментов има доволно залихи на брашно, посебно откако Србија повторно дозволи извоз на пченица. Во таа насока Министерството за економија работи на измена на Уредбата со која беше забранет извоз на пченица и брашно во други земји, повторно да биде дозволено. Со тоа се овозможува оваа индустрија повторно да може да ги извезува своите производи“, информираше министерот Бектеши по состанокот со мелничарите.

Тој додаде дека на состанокот со претставниците од мелничката индустрија е разговарано и за донесување на други мерки коишто во иднина треба да ги преземе Владата се со цел да се олесни увозот на пченица.

“Наша крајна цел е нашите мелнички производи да бидат конкурентни и на домашниот и на регионалните пазари. Ние како Министерство за економија постојано ги следиме цените и снабдувањето на основните производи со цел да обезбедиме квалитетно и навремено снабдување со основни прехранбени производи за нашите граѓани, а при тоа да нема зголемување на цените“, потенцираше Бектеши.

Претседателот на здружението на мелничко – пекарската индустрија, Горан Малишиќ истакна дека во почетокот на кризата со Коронавирусот се создаде зголемена побарувачка на брашното, со самото тоа се зголемија и цените на пченицата на светско ниво и во опкружувањето. Но тој истакна дека нема потреба за создавање на паника кај граѓаните бидејќи има доволно залиха кај граѓаните.

“Залихите се доволни, нема потреба за паника за тоа , извозот на пченица од Србија во регионот е дозволен и нема проблем со транспортот. Имавме мала правна блокада со Уредбата која што ја донесе Владата, но еве во разговор со министерот добивме уверување дека тоа ќе се реши“, истакна Малишиќ.