Бектеши: Со новите инвестиции на Попова Шапка ќе привлечеме туристи од регионот и пошироко

92

Министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу присуствуваа на пуштањето со работа на новата шестосед-жичницата Лајтнер на Попова Шапка за првпат оваа сезона.

Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата на жичницата е 1.510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2.400 скијачи на час.

“Денеска имаме прилика да го означиме ставањето  во функција на шестоседот за употреба од страна на посетителите. Повеќе од убедени сме дека токму преку вакви инвестиции ќе привлекуваме и други туристи не само од регионот, туку и од други држави. Ова ќе даде дополнителна можност на сите посетители на Попова Шапка. Токму преку вакви инвестиции можеме да ги развиеме важните туристички дестинации во нашата држава со цел на директен и индиректен начин да влијаат во локалниот економски развој не само во општина Тетово, туку главно за целиот Полошки регион, а и врз економијата на Северна Македонија“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот информираше дека Владата изминатите години инвестираше во подобрување на инфраструктурата на Попова Шапка и сега се ставаат во употреба инвестициите кои што овозможуваат подобри усови за туристите за скијање.

Директорот на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу кажа дека компанијата има планови за идни инвестиции за подобрување на условите во овој ски-центар.

“Нема да застанеме тука, ќе продолжиме со работа и поддршка од страна на министерот и од Владата да инвестираме што е можно повеќе проекти во овој ски центар. За оваа сезона планираме да инвестираме во делот на јавните тоалети во ски центарот и ќе се обидеме да ги одржиме во кондиција актуелните ски лифтови, но и да ги поправиме условите за да бидат во функција цела сезона. Таму каде што ќе имаме потреба да направиме нови инвестиции веќе имаме планови, имаме стратегија, имаме физибилити и во зависност од средствата што ги имаме на располагање ќе продолжиме со реализација на проектите“, потенцираше директорот Авзиу.

Новата жичница со постојните ски-лифтови и жичници ќе овозможи подобар и побрз проток на скијачи и ќе понуди уште поатрактивни скијачки патеки.

Со вакви инвестиции ќе се овозможи Попова Шапка да прерасне во регионален зимски скијачки центар каде што освен туристи од регионот ќе привлече и туристи од другите земји.