Белгија стана европска “долина” на вакцините

30

Белгија важи за мала земја со голем углед кога станува збор за научни истражувања и во фармацијата има стратешка улога што се покажа како исклучително важна во услови на пандемија.

Фармацевтските гиганти се натпреваруваат во производство на нови вакцини во рекордно време, а многу од глобалните синџири за снабдување се преплетуваат токму во оваа земја.

Во годината пред пандемијата на Белгија отпаѓа 13% од биофармацевтскиот извоз во Европската унија и 10% инвестиции во истражувања, а земјата има само 2,5% од вкупното население на Унијата.

Во близина за Брисел, британската мултинационална компанија GSK произведува состојки што го зголемуваат имунолошкиот одговор што се користи кај вакцините што ги развива француски Sanofi и канадски Medicago.

Сега е дел и од производството на вакцината на германскиот старт – ап Curevac, којашто е во фаза на клинички испитувања. Се планира во белгиската фабрика оваа година да се произведат 100 милиони дози од вакцината на Curevac, а тоа е една четвртина од количината што ја порача Европската комисија.

Десетте најголеми приватни фармацевтски компании во светот имаат фабрики во Белгија или други фабрики работат за нив. Американски Pfizer ја произведува вакцината што ја разви заедно со германски BioNTech во фабрика во фламанскиот град Пурс, којшто е препознатлив по пивото Duvel.

Кога британско – шведската компанија AstraZeneca ќе почне со производство на својата вакцина ќе се обрати до фабрика што е сместена во јужниот дел на Белгија.

Биофармацевтските компании беа стратешки избор за Белгија и пред пандемијата, поддржувајќи 30.000 работни места, од коишто 8.000 се отворени во последните 10 години.

Белгија е позната по големите даночни олеснувања за компаниите што го реинвестираат профитот во истражувања и за научниците кои регистрираат патенти во земјата.

Фото: Freepik